Законот за т.н. „дигитални учебници“ сѐ уште тивко стои со отворен статус на Електронскиот национален регистар на прописи на Република Македонија (ЕНЕР) уште од месец Март, 2021. Се чини дека минатата година после бурната реакција на јавноста, каде родителите и интелектуалците директно се спротиставија на екс министерката Мила Царовска и нејзината желба да воведе урнебесни промени во македонското образование без да се повика на научните факти и сознанија, во моментов темата за истата таа „дигитализација“ е стишена и закопана во илјадниците други контроверзии кои се случија оттогаш. Не сум сигурен дали и формално е повлечен овој нацрт-закон од собраниска процедура, иако во јавноста излезе таква информација (сѐ уште е отворен статусот на ЕНЕР, нели). Да потсетиме, најконтроверзното од сѐ беше обидот целосно да се исфрлат печатените учебници од процесот на настава и да се заменат со нејасно дефинираните „дигитални учебници“. Но дискусијата за природата на дигиталните медиуми не смее да замре. Во продолжение следува уште една колумна за дигитални медиуми (првата колумна на темата е објавена тука, а втората тука). Овојпат ќе разгледаме како дигиталните медиуми се разликуваат од „традиционалните“ медиуми и зошто разликите не смеат да се занемаруваат и премолчуваат.

Технологијата нѐ менува

Технологијата има долга традиција – од првиот камен којшто нашиот предок Homo habilis (во превод „вешт човек“) почнал да го употребува пред околу 2,5 милиони години како алатка за кршење, дупчење, сечење и можеби за удирање по глава – па се до денешните паметни телефони кои ги користиме за „селфиња“, „гуглање“ и „тикток“ видеа. Иако модерната дигитална технологија за жал сѐ уште не е доволно софистицирана да ги имплементира функциите на камената технологија наведени погоре (;-), сепак таа во најмала рака игра исто толку суштинска улога и поседува моќ да го менува човештвото радикално, како што камените и другите примитивни алатки претходно довеле до драстични промени во нашиот физикус и телесна морфологија. Се претпоставува дека примитивните алатки влијаеле на еволуцијата на нашата дланка и поттикнале појава на опонирачки палец, односно прст којшто е спротивно поставен од останатите и кој ни овозможува прецизна контрола, вклештување и манипулација на предметите кога ги држиме в рака. Зошто е тоа важно – обидете се да зграбите чаша и да се напиете од неа без да го употребите вашиот палец (подгответе си пешкирче претходно). Но примитивните технологии се употребувале најчесто поединечно, спорадично, лично и ограничено од нашите далечни претци. Еден друг технолошкиот пронајдок кој се појавил милениуми подоцна во 14-тиот век – воведува една сосема нова варијабла во нашата технолошка симбиоза – масовноста. Пронајдокот кој ја започнува ерата на масовните медиуми е, се разбира, фамозната преса за печатење, дизајнирана и употребена од страна на визионерот Јоханес Гутенберт.

Некритичко користење на дигиталните технологии

Масовноста во Гутенбергова смисла е занемарлива во однос на масовноста и пролиферацијата на дигиталните медиуми денес. За да ги разбереме подобро магнитудата и влијанието на дигиталните медиуми на денешното секојдневно живеење, најпрво мора да го прифатиме фактот дека човекот за првпат во историјата доаѓа во допир со нив. Тие суштествено се разликуваат од т.н. „традиционални медиуми“: радиото, весниците, списанијата, книгите, огласните табли, телевизијата – или вкупно кажано – сите медиуми кои се појавиле и биле распространети пред создавањето на комјутерите и интернетот. Многу битно е во нашата анализа да се задржи критичкиот пристап, т. е. никако не смееме да ги прифатиме дигиталните медиуми како „новото нормално“ без подлабоко да разбереме што произлегува од нивната сеприсутност. Наивно е да мислиме дека само прашање на време е кога ќе се адаптираме на истите и ќе ги вградиме во нашите животи очекувајќи уште поголем напредок и цивилизациска благодет „по дифолт“. Самата адаптација на нешто не подразбира и подобрување во смисла на понапреден и поинтелигентен живот. Адаптацијата означува некаква промена која во еволуциска смисла е неутрална, односно не мора задолжително да резултира со поинтелигентни и покомплексни суштества. Таа едноставно подразбира суштества кои успеале да се одржат во живот при променети услови во средината со цел пропагирање на своите гени кон следните генерации. Веројатно на долг рок, да, ќе се адаптираме, но вистинското прашање е по која цена и како. Во неколку разговори на темата со моите пријатели и колеги добивам токму таков впечаток дека по инерција дигиталните медиуми се поистоветуваат со сите претходни медиуми и a priori се прифаќа дека човештвото ќе се „навикне“ на истите, како што нели, „тоа се случило со останатите технологии кои се појавувале во минатото“. Наивно очекуваат дека сѐ ќе биде во ред. Ако нашата цел е поинтелигентно човештво во побезбеден и посреќен свет, не смееме да скокаме во такви непроверени заклучоци и мораме внимателно да ѝ пристапиме на дигитализацијата со цел да ги минимизираме штетите и максимизираме бенефитите. Не смее само бегло да занемаруваме со фразата „ќе се навикнеме“ и да се надеваме на најдоброто без да ги разбереме подлабоко овие нови форми на медиуми. Ефектот од новите дигитални технологии во најмала рака е револуционерен како и ефектот од Гутенберговата преса. Тоа малечка преса имала неверојатен децентрализирачки ефект, довела до демонополизирање на знаењето, го одзела од рацете на мала елитистичка група на политико-религиозни моќници и го дала во рацете на широките народни маси, по што следеле можеби најголемите развојни промени во светот, но и многу сериозни крвави турбуленции во општествата низ историјата. Дигиталните медиуми се втората, дигитална Гутенбергова преса. И овојпат, треба да бидеме уште попретпазливи за можните ефекти, кон подобро или полошо, кои ги создаваат сега или може да ги создадат во иднина.

Дигиталните медиуми суштински се разликуваат од традиционалните

Првата најголема разлика меѓу дигиталните и традиционалните медиуми е во самата нивна „днк“: за разлика од традиционалните, информацијата низ дигиталните медиуми протекува во форма на единици и нули кои денешните машини ги толкуваат и претвораат во аналогно/дигитален сигнал – аудио, видео, графика, текст, софтвер и во поново време 3D печатени фигури. На некој начин бинарниот скелет на денешните дигитални уреди ги прави меѓусебни роднини како што нашата днк не прави роднини со шимпанзата и орангутаните на пример. Ајфонот му е братучед на Самсунг Галакси паметниот телефон, не поради формата и дизајнот, туку поради алгоритмите кои во основа функционираат на истиот бинарен код. Тоа имплицира можност за паралелна дигитална еволоција каде одредени кодови и алгоритми стануваат доминантни под притисок на човековата селекција, а вратите за самостојна вештачка интелигенција веќе се подотворени и можеби во иднина ќе постојат машини кои се „самоселектираат“ и со тоа паралелно ќе еволуираат од луѓето. Доста различно од традиционалните медиуми, нели? Во споредба со претходно, радикално е променета и улогата на консументот на медиумот каде од набљудувач во традиционална смисла, се претвораме во учесник и креатор на самата медиумска содржина. Но, во дигиталната ера содржината не ја креираат само луѓето. Претходно таа била создавана од луѓе за луѓе, но денес содржините се повеќе се создаваат и од машински алгоритми и нивната дистрибуција станува доминантно машинско-алгоритамска. Накратко, ние самите сме и корисникот и медиумот во исто време, а на повидок ѕиркаат и машините како автори и креатори. Дополнително, комуникацијата претходно најчесто се одвивала еднонасочно (медиум кон корисник) и не нудела многу опции за интеракција со гледачот, слушателот или читателот. Сега, дигиталните медиуми се повеќенасочни и нивниот главен modus operandi е повеќеработноста (мултитаскингот) и интеракцијата со корисникот. Ваквата функционална концептуализација повлекува важни импликации и за дизајнот на сегашните и идните дигитални уреди. Денешните технолошки компании панично се во потрага по нови начини на интеракција, зграпчување и задржување на вниманието на корисникот. Како природна последица на таквиот дизајн, дигиталните медиуми намерно или ненамерно поттикнуваат релативно висок степен на психолошка зависност. Нивната севкупност и глобално присуство ги засегаат сите нации и култури, но особено оние култури кои се класифицираат како колективистички, иако процентот не е занемарлив и кај индивидуалистичките.

Масовни, за секој од нас поединечно

И покрај досега невидената масовност, содржините на модерните дигитални медиуми, парадоксално, се прилагодени за секој од нас поединечно. Вашиот твитер ѕид прикажува одбрани и подесени содржини само за вас, избрани преку машинска анализа на вашите навики, интереси и начин на користење. Вашиот нетфликс ви нуди различни филмови и серии од нетфликсот на вашиот љубовник/ца, од вашите родители, браќа и сестри, од вашите пријатели. Самото пребарување на гугл е подесено според вашата локација и претходната историја на пребарување. Ова е и една од најалармантните разлики во однос на традиционалните медиуми – денес на секој од нас дигиталните медиуми му презентираат персонализирани содржни, односно различни верзии на „реалноста“. Ова може да се нарече и „парадокс на глобализацијата“ каде и покрај тоа што сме поврзани како никогаш досега, и покрај тоа што можеме да комуницираме неограничено со секого на различна локација на планетава, сепак персонализираните содржини нѐ прават перцептивно оддалечени, фрагментирани, островизирани, живеејќи во „различни“ реалности. Поради тоа многу лесно може да се замисли свет на се помала меѓусебна толеранција, поларизација и конфликт, заблудно убедени дека и другиот го гледа тоа што и ние го гледаме и секоја разлика во ставовите се должи на тоа што другиот е „неинформиран“ или „глуп“. Оваа состојба најдобро ја сумира познатиот психолог Ли Рос (Lee Ross) кој зборува за „naïve realism (наивен реализам)“ или состојба во која лажно веруваме дека ние сме објективните, дека поверодостојно гледаме на работите од другите кои се или „ирационални“ или „попристрасни“ од нас. Почнуваме да зборуваме меѓу ѕидови, со телефоните в рака, длабоко уверени дека ние сме во право, а другите не. Ако го додадеме и фактот што дигиталните медиуми стануваат се покомплексни за употреба, се насетува и можен зголемен генерациски јаз во кој постарите лица се потешко ќе се снаоѓаат во користењето и разбирањето на истите, дополнително зголемувајќи ја внатрегенерациската поларизација во општествата. Како можеме да бидеме толерантни и да се разбираме меѓусебно ако не ја прифаќаме дури ниту основната минимална дефиниција за што е тоа „реалност“?

Персонализираните содржини имаат уште една темна страна. Во ерата на традиционалните медиуми, податоците за корисникот и консумирањето на содржините типично се собирале преку класични методи на истражување (анкети, број на гледачи/слушатели/читатели, итн.), биле релативно површни и ограничени во бројност и тешко се предвидувало идното однесување на корисникот. Во ерата на дигиталните медиуми податоците за корисникот се собираат и анализираат со помош на машински алгоритми, со моќна длабинска автоматизирана анализа на однесувањето на корисникот изведена од виртуелно неограничен број на податоци произведени од самиот корисник. Тоа доведува до релативно прецизно предвидување на интересите и однесувањето на корисникот. Денес машините повеќе знаат за нас отколку ние самите за себе. Ја губиме приватноста, интимноста и уникатноста. И сето тоа се хипернормализира – се губи приватноста како вредност и станува „нормално“ личниот и приватниот живот да бидат јавно достапни и документирани преку фотографии, видеа или статуси на социјалните мрежи. Комбинацијата на супермоќни машини и алгоритми кои собираат огромен број податоци за нас и човековата игнорантност, многу лесно може да доведат до општества со „розев“ тоталитаризам и „контрола за наше добро“. Притоа, без да навлегуваме подлабоко во тематиката, да напоменеме дека состојбите опишани погоре имаат и многу сериозни импликации кон нашата безбедност која честопати е цел на хакерски напади и социјален инженеринг, прислушкување, закани и уцена.

Внимателно со новата дигитална Гутенбергова преса

Од сето кажано, слободно може да се заклучи дека влегуваме во нова дигитална ера, со нова дигитална Гутенбергова преса во рацете. Таа создава моќен и вмрежен свет, каде сите имаме пристап до модерните дигитални технологии кои засега ни служат добро, ни овозможуваат огромна продуктивност, раст и развој. Но истовремено, не смееме некритички да ги применуваме и да заборавиме на потенцијалните опасности доколку премногу се потпреме на нив, доколку дозволиме машините да мислат за нас, да ни наоѓаат партнери, да нѐ забавуваат по нивен избор и да ни ги дефинираат реалноста и етичноста. Да не дозволиме се повеќе и повеќе да мислиме се помалку и помалку. Ако технологијата е способна да ги обликува нашите раце морфолошки, да поттикне развој на опонирачкиот палец, сигурно уште повеќе може да влијае и го обликува нашиот ум. Токму поради тоа, не смееме да останеме пасивни и игнорантни кон дигиталните технологии и мора подлабоко и повнимателно да ја разбереме симбиозата со нив.