Со секоја нова генерација, предаторите еволуираат и стануваат подобри во тоа што се најдобри – ловењето. Од друга страна, пленот станува поспособен да се брани и преживува. Балансираната ко-еволуција се јавува кога два вида се наоѓаат на исто поднебје и имаат доволно време да развијат стабилни стратегии едни кон други. Понекогаш овој баланс е нарушен, најчесто поради наглото појавување на нов вид во областа и недостатокот од време за адаптација, било да се работи за новодојдениот вид или видовите кои веќе станале автохтони.

© Yasunori Koide / CC BY-SA

© Yasunori Koide / CC BY-SA

Одличен пример за балансирана и небалансирана ко-еволуција се јапонските џиновски стршлени (Vespa mandarinia japonica) и нивната храна – јапонските и европските пчели. Овие чудовишта од инсекти можат да пораснат повеќе од 4 сантиметри, имаат цврсти вилици во облик на клешти, јарки бои (кои обично сигнализираат опасност за оние што ќе се осудат да ги нападнат) и како сето тоа да не е доволно, поседуваат отровна боцка од чиј убод годишно умираат од 30 до 40 луѓе во Јапонија. Тие се исклучително воинствени и документирано е дека група од 30-тина стршлени може да уништи цела колонија од дури 30,000 пчели чии ларви претставуваат храна за самите стршлени и малите стршленчиња. Посебно се опасни за европските пчели кои јапонските пчелари ги увезуваат во Јапонија поради тоа што природно произведуваат повеќе мед и кои се разбира, не се домашен вид за јапонското поднебје. Еволуирајќи во друг дел од светот, тие не развиле одбранбени механизми кон џиновите, но за разлика од нив, домашните јапонски пчели еволуирале фасцинантно одбранбено однесување. Имено, штом ќе забележат дека нивната кошница е нападната, комуницираат со останатите кои нагрнуваат во голем број, го заобиколуваат натрапникот и буквално го „варат“. Со други зборови, клопчето од пчели околу стршленот ја достигнува температурата која тие можат природно да ја поднесат, но стршленот не може поради неговата исклучителна големина.

© Takahashi / CC BY-SA 2.1 JP

© Takahashi / CC BY-SA 2.1 JP

Во поголемиот број од случаите тие успеваат да си ја одбранат слободата, а со тоа и својот опстанок. Веројатноста е голема и за европските пчели, доколку доволно долго останат на јапонскиот архипелаг да еволуираат механизми на одбрана од страшните џинови како и нивните јапонски колешки.


 10/08/2020      биологија